Како во сценарио на некој film noire, од утре, патните исправи и сите документи за меѓународна употреба кои не се со новото име нема веќе да важат. Нема да важат ни личните карти ако патувате со нив во соседството, возачките дозволи и сообраќајните дозволи. Од утре целата држава ќе заличи на еден огромен кафез со заклучени железни врати. Некои граѓани ќе имаат клуч да влезат и излезат, а некои, а се работи за приближно половина од македонските државјани, без никаква вина од нивна страна, нема да можат ниту да влезат ниту да излезат, бидејќи нема клуч за нив.

Министерот Османи вчера изрази „длабока загриженост“ дека најавеното проширување на израелската воена операција кон градот Рафа во појасот Газа може да доведе до хуманитарна катастрофа, но со смирени тонови се обраќа кон нашите граѓани во странство, дека „забележал паника меѓу граѓаните“ за можно губење работни места, дозволи за привремен престој и слично, но дека сепак „немало простор за паника“ затоа што МНР се организирала да им излезе во пресрет на граѓаните, каде и да се.
Притоа, тој пропушти да објасни како од утре ќе патуваат во странство студентите, бизнисмените, работниците, туристите или не дај боже итните медицински случаи. Пропушти да објасни што ќе се случи со дел на наши граѓани што се наоѓаат во странство и не се во можност од различни причини да отидат во некоја од нашите амбасади или конзулати за да си платат и подигнат патен лист со кој би се вратиле во Македонија. Или пак за оние што требаат или мораат да патуваат, но не кон Македонија, туку од една во друга странска држава. Ним им е практично укинато правото на движење, како фундаментално човеково право.
Османи исто така не појасни што да прават граѓаните на работа во странство кои ете ќе допатуваат во Македонија со патен лист, но тука нема залихи на обрасци за да си земат нови патни исправи. Сите тие луѓе доаѓаат со изброени денови и го немаат луксузот да ги чекаат обрасците да пристигнат. Работодавачот нема да ги чека неопределено време. Што тие да прават? Во нашите закони е пропишано дека три дена неоправдано отсуство е основ за отказ. На иста линија се горе-доле и странските законодавства.
Колку ли луѓе ќе бидат доведени до очај од ваквите неодговорни, нехумани, нестручни и аматерски потези на Владата? Колку ли лични драми треба да се случат, само поради неколку месеци повеќе власт?
Ваквата епска неподготвеност на Владата за извршување на една од најкомплицираните административни операции во Европа од Втората светска војна наваму ги изложи нејзините државјани на тешки непријатности и големи финансиски издатоци.
Стара е поговорката дека прасето не се гои пред Божиќ.
*
Гулаг во сленг значи било кој затвор или камп за притворање, особено на политички затвореници

Амбасадор Зоран Дабиќ
Градски комитет на ВМРО-ДПМНЕ
.




