портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска вели дека Државната изборна комисијаапсолутно е подготвена да организира и да спроведе избори во секој момент кога би биле распишани.



„Апсолутно да“ изјави Гугучевска за МИА:

. Државната изборна комисија постои како професионално тело со своја стручна служба и работи постојано. Како што кажав и претходно, особено ни е интензивна работата помеѓу изборите и се подготвуваме за да успешно спроведеме избори кога и да бидат распишани… Ние за избори постојано се подготвуваме така што сите надлежности на ДИК, апсолутно е подготвена да ги изврши во секој момент кога би биле распишани избори – вели Гугучевска.

На прашањето дали успешни избори би можеле да се спроведат со сегашната легислатива, имајќи предвид дека иако се зборуваше за потребата од нов изборен законик или за промена на постојниот, работната група се уште не е формирана, портпаролката потсетува дека со Изборниот законик каков што е сега во моментов веќе имаме спроведено изборни процеси и тоа Локалните избори во 2021 година за сите општини и за Град Скопје, како и минатогодишните избори во три општини така што ДИК има искуство со изборното законодавство и со имплементацијата на истото.

За тоа дали ДИК ќе се соочи со одредени проблеми доколку легислативата или Изборниот законик се смени пред изборите, портпаролката на Комисијата вели дека меѓународните стандарди односно Венецијанската комисија дава свои препораки дека најмалку шест месеци пред организирање на избори не треба да има промени во изборното законодавство. Таа посочува дека промените што се случуваат во пократок рок носат одредени предизвици, но не се само за ДИК туку и за останатите учесници во изборите.

„Секако промените кои се случуваат во пократок рок, пред изборите или за време на изборниот процес, како што имавме случај во 2021 година носат со себе одредени предизвици при организирањето и спроведувањето на изборите бидејќи некои работи се случуваат првпат, имаме помалку време да се подготвиме и ние, а и останатите чинители на кои се однесуваат измените, бидејќи ДИК организира и спроведува избори, меѓутоа за измените на изборното законодавство треба да бидат информирани сите останати“, потенцира таа.

Тука, како што вели Гугучевска, пред сè мисли на гласачите доколку на нив се однесуваат измените, понатаму политичките партии, независните кандидати како учесници на изборите, граѓанските организации кои ги следат изборите или на кој било начин се вклучени, граѓанските организации со пофокусиран напор и заштита на права на лица со попреченост, заштита на маргинализирани заедници и.т.н.

Во интервјуто, што МИА во целост ќе го објави утре (сабота) Гугучевска посочува дека избирачите уште сега може да се проверат во избирачкиот список и доколку нивните податоци се погрешни или ги нема да се обратат до нивните подрачни одделенија или канцеларии.