Грузија ќе воведе санкции за Русија – кога ќе влезе во ЕУ

На демаршот од 27. земји-членки на Европската унија поради обновувањето на директните авионски летови со Русија од Грузија одговорија дека ќе воведат санкции кон Москва кога земјата ќе стане членка на ЕУ.



„Грузија сè уште не е членка на ЕУ. Ние сме независна, суверена земја која се стреми кон Европа и сака европска интеграција. Кога ќе имаме статус, кога ќе станеме членка на ЕУ, се разбира, ќе носиме одлуки кои се во согласност со заедничките интереси“, изјави Каха Калаѕе, градоначалник на Тбилиси и генерален секретар на владејачката партија Грузиски сон.

Претседателот на Собранието, Шалва Папуашвили, додаде дека Грузија не ги заострува односите со Русија и не се приклучува кон санкциите „бидејќи, во случај на војна, ниту една од тие земји нема да влезе во војна на страната на Тбилиси, како што не влегоа за Украина“. Тој потсети дека по војната на Грузија со Русија во 2008 година, Западот не воведе санкции кон Москва, туку, напротив, ги „рестартира“ односите со неа, а на Грузија ѝ беше забрането да купува оружје.

Претседателот на Грузиски сон, Иракли Кобахиѕе, потсети дека Грузија го поддржува територијалниот интегритет на Украина, сите резолуции со кои се осудува агресијата, но нема да воведе санкции бидејќи не сака да го казни сопствениот народ. Се проценува дека во тој случај штетата за оваа земја би изнесувала 4,5 милијарди долари и оти ЕУ не би ја надоместила.

„Грузија добива околу 200 милиони долари помош од ЕУ годишно. Многу голем дел од оваа сума оди за невладини организации, односно се финансира политичка поларизација“, објасни Кобахиѕе.

Директните летови меѓу Грузија и Русија се обновени на 19 мај, по пауза од четири години.