За „азилот“ во Унгарија, на експремиерот Никола Груевски виновни многу луѓе, а најмногу Зоран Заев, а во поново време и Христијан Мицкоски.
Ова тој го изјави во интервју за белградска „Политика“.
„Во основа на сѐ е стравот од мое евентуално враќање во земјата. На прво место е односот на некои политичари кон мене во изминатите пет-шест години, но и нивната неспособност во севкупното водење на државата, како и криминално-коруптивни мотиви, поради што всушност некои од нив и се занимаваат со политика“, вели Груевски.
„Мојот политички прогон трае со ист интензитет како и во минатите шест-седум години. Најголемо влијание во Обвинителството, судството и медиумите и понатаму има Зоран Заев, кој е неуморно посветен на мојот и прогонот на моите поранешни соработници“, вели експремиерот Никола Груевски во интервју за српска „Политика“, одговарајќи на прашањето дали се созреани услови за негово враќање во земјава.
Според поранешниот премиер, постоела соработка меѓу поранешниот шеф на Владата, Зоран Заев и актуелниот лидер на опозицијата, Христијан Мицкоски.
„За жал, наместо да се бори да го порази Заев на политичката сцена и да помогне во запирање на неправдата која преку политички прогон ни е спроведена мене и на моите поранешни соработници, Мицкоски стана најголем сојузник со оној кој го креираше и диктира тој политички прогон. Заев направи непроценлива штета на Македонија, особено неговите ставови во врска со националните прашања“, вели Груевски.
Груевски во интервјуто вели дека многумина во земјава се плашат од негово враќање.
„Во овој момент имаме огромен ангажман на моќници во македонската полиитка за тоа да не се случи брзо, пред се поради нивниот личен интерес и страв“.







