Американскиот Стејт департмент соопшти дека на „црна листа“ биле ставени екс-премиерот Никола Груевски и поранешниот шефот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.



Причина за ова е нивната вмешаност во значителна корупција, покрај нив, Стејт департментот, исто така, на црна листа ги стави членовите на нивното потесно семејство.

„Нивните постапки го поткопаа владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси во двете земји и ја нарушија довербвата на јавноста во владите. Додека беше премиер, Груевски беше вмешан во коруптивни дела кои вклучуваа искористување на неговото политичко влијание и моќ за лична корист.

Постојат веродостојни информации дека Груевски ја злоупотребил моќта на својата функција за да бара и зема мито во замена за владини договори, присвојувал државни средства и се мешал во избворните процеси за да има политичка корист за себе и за неговата партија“, пишува во одлуката на Стејт департментот.

За Мијалков велат дека „во службеното својство на директор на УБК, бил инволвиран во коруптивни дела меѓу кои и користење на неговото политичко влијание и официјална моќ за лична корист. Поточно, има веродостојна информација дека Мијалков го злоупотребил овластувањето на функцијата за да бара поткуп за возврат да се склучат владини договори, и се мешал во изборните процеси во своја и политичка корист на својата партија“.

Покрај нив, на црната листа се најде и Гордана Тадиќ која беше главна обвинителка на Босна и Херцеговина.

Одлуката, како што појаснуваат од Стејт департментот, значи дека Груевски, Мијалков, Тадиќ, како и членовите на нивните потесни семејства се неподобни за влез во САД.