Груби: Имаме „удобни одговори“ за бугарските ставови

Вицепремиерот Артан Груби очекува позитивни сигнали за преговорите со ЕУ на самитот на 14 декември и реален почеток на преговорите до март следната година.



Груби не открива на какви одговори се подготвени на бугарските барања, кои од летово се срочени во таканаречениот Патоказ од пет точки, на кои од септември се надоврза плус една точка – за вметнување на Бугарите како малцинство во македонскиот Устав, пренесува „Слободен печат“..

„Оптимизмот доаѓа од поседувањето информации. Значи, имаме целосни информации за случувањата меѓу Скопје и Софија и тоа ни влева целосна самодоверба дека ова прашање може да се надмине. Се обидуваме на 14 декември на состанокот на Советот за општи работи на ЕК да го имаме првиот позитивен сигнал што ќе ни ги отвори вратите.

Подготвени сме со одговори за кои мислиме дека се удобни за бугарските ставови и ќе овозможат деблокирање. Целта е во јануари, февруари или во март да се реши ова прашање и да се одржи меѓувладината конференција, со која ќе почнат преговорите за членство со ЕУ“ рече Груби во гостување на ТВ Алсат.