Коалициските партнери на СДСМ против одлуката на Заев за оставка на премиерската функција, како и од позицијата лидер на СДСМ. Тие на попладневната средба со Заев на „Илинденска“ му порачале дека одлуката е избрзана и непотребна.
„Сите коалициски партнери беа против оставката на Заев, затоа што сметаме дека таа беше избрзана и дека треба да се продолжи со политиките на Владата, затоа што граѓаните тоа го очекуваат“, изјави вицепремиерот Артан Груби.
Тој информираше дека на средбата била искажана недвосмислена поддршка за политиките на Владата и на премиерот за продолжување на реформската агенда.
„Сметаме дека само оваа влада може да го реши спорот со Бугарија и да ги отвори пристапните преговори со ЕУ“, рече Груби и додаде дека „не смееме да си дозволиме авантури и како граѓани и како држава“.
И Аријанит Хоџа од партијата БЕСА, по средбата со премиерот Зоран Заев во Владата изјави дека сите ја потврдиле поддршката на парламентарното мнозинство и не се согласуваат со одржување предвремени парламентарни избори.
„Покажавме дека мнозинството е стабилно и дека треба да продолжи. Сметаме дека процесите што би воделе до избори би биле тешки за економската и друга состојба во државата. Коалицијата има мандат од пред една година и легитимитетот од последните парламентарни избори е доволен да се продолжи и да се оствари тоа што сме го презеле како одговорност. Се наоѓаме во многу деликатен момент и потребно е да продолжи мнозинството“, рече Хоџа.





