Грозданоски: Кирил и Методиј ја превеле „Библијата“ на старомакедонскиот словенски јазик

„Кирил и Методиј го превеле Светото писмо на мајчин јазик – на старомакедонскиот словенски јазик со македонско наречје. По Библијата, ги превеле и богослужбените книги, за да воведат богослужби на словенски јазик и да го зајакнуваат народниот дух на словенскиот род.“ – вели Ратомир Грозданоски, професор на Православниот богословски факултет во Скопје, во својата колумна со наслов „Со Кирил и Методиј старомакедонскиот словенски стана првиот книжевен јазик на Словените“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Гроздановски пишува: „Во Православната црква се прославуваат како ‘свети рамноапостолни Кирил и Методиј, учители словенски’. Кирил бил монах, а Методиј епископ и архиепископ. Двајцата биле биле меѓу најучените луѓе во целата Византиска Империја. Нивното потекло било од Македонија. Тие ги познавале својот народ и мајчиниот јазик. Затоа, на тој јазик го создале и првото писмо, азбуката и ги поставиле правилата за пишување.“

„Зошто создале азбука и писмо? Браќата го направиле тоа со мисла, за да ја исполнат подобро својата желба. Нивната желба била да Му служат на Бога, проповедајќи го Неговото спасително учење меѓу својот народ на разбирлив народен јазик и писмо. Прво нешто, што напишале со новите букви, било Евангелието. Тие го превеле Светото писмо на мајчин јазик – на старомакедонскиот словенски јазик со македонско наречје, за да го зајакнуваат народниот дух на словенскиот род.“

„Кога требало да се брани христијанството и од другите вери, во земјите блиску до Византија, и таму биле испраќани светите браќа Кирил и Методиј. Браќата имале голем успех, но ги обвинувале дека се еретици, затоа што богослужат на несвештен, варварски јазик, каков што го сметале словенскиот. Се велело дека Светото писмо – Божјото слово, христијанската вера и молитвите – богослужбите, можат да се извршуваат само на три јазици: грчки, еврејски и латински.“

„Со победата над тријазичниците Светите Кирил и Методиј ја заштитиле словенската мисија, го одбраниле словенското богослужение, словенската писменост и правото на секој народ да пишува и да Му се моли на Господа на својот мајчин јазик. Тријазичништвото било користено како орудие за да не се создаде нова црква и самостоен црковен живот на словенски јазик. Со нивното дело старомакедонскиот словенски јазик стана првиот книжевен јазик на сите Словени.“

Интернет-врска до целата колумна:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/so-svetite-kiril-i-metodij-staromakedonskiot-slovenski-jazik-stana-prviot-knizheven-jazik-na-site-sloveni/