Александар Трајановски, претседател на Градска организација на Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ), го нарече политичка монтажа прогонот на лидерот на партијата Стевчо Јакимовски, кој со уште четири лица е осомничен за финансиска проневера.
„Сведоци сме на инструирана акција на оваа квислиншка власт. Се вршеше претрес во три објекти без присуство на адвокатот. Некој брза случајот да се спакува и да се процесира. За 24 часа треба целата документација да се разгледа. Јакимовски е и ќе остане еден од најдобрите градоначалници. Ова е хајка и монтиран процес против него и партијата ГРОМ. Ние први не го поддржавме договорот со Грција и сме единствена парламентарна партија што повика на бојкот на референдумот. Ова нема да нè уплаши, туку е мотив за да истраеме“, изјави Трајановски.
Поранешниот градоначалник на Карпош, чија партија на последните избори беше дел од опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и другите осомничени се товарат за оштетување на општинскиот буџет за 36,6 милиони денари (околу 595 илјади евра) преку три јавни набавки.





