Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска реагира по информацијата дека Апелациониот суд ја укинал првостепената пресуда за предметот „Таргет-Тврдина“.
Таа на Фејсбук го објави својот став по ова прашање. Вели дека со голема доза на загриженост ја примила информацијата дека Апелациониот суд ја укинал првостепената пресуда за предметот „Таргет-Тврдина“, во кој, преку злоупотреба на службена положба, масовно беа прислушувани илјадници наши граѓани.
„Уште позагрижувачки се информациите дека, поради неажурното одлучување на судиите, можно е застарување на делото кое значи повреда на основните уставно загарантирани човекови права. Апелациониот суд има обврска пред граѓаните, транспарентно и детално да ја образложи оваа одлука, за која има сомнеж дека не оди во правец на владеење на правото и еднаквост пред законот. Во повеќе наврати кажав и сакам да повторам дека независноста на правосудниот систем не значи немање никаква одговорност. Го повикувам Апелациониот суд во името на правдата и во името на одговорноста пред граѓаните да ги соопштат причините за оваа одлука“, пишува Грковска.
Апелација ја укина пресудата за масовното прислушање и уништувањето на опремата во УБК. Предметот во кој првообвинет е екс директорот на Управата Сашо Мијалков, се враќа на повторно судење.
Апелациониот суд Скопје при разгледување на побивата пресуда констатираше дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер, а на кои овој суд внимава по службена должност.






