Новинската агенција Франс прес објави репортажа од Грција направена деновиве за Преспански договор, која зборува за дилемите и на обичните Грци, па ја пренесуваме во целост:
„Додека пратениците во Атина се подготвуваат да го одобрат договорот за името меѓу Грција и Македонија, во многу европски метрополи има олеснување дека 27-годишниот дипломатски спор за името е кон својот крај. Но, во грчкиот регион Македонија, каде што било античкото грчко царство, прочуено од Александар Велики, се јавува најголемо негодување.
„Како може друга држава да го носи името Македонија? Тогаш што сме ние?“, се прашува Елени, 39-годишна сопственичка на продавница за сувенири. „Тоа е како да ни ја одземаат душата, нашата историја и култура“, додава таа.
Продавницата на Елени е на неколку метри од некрополата на античките македонски кралеви во Вергина (Кутлеш – н.з.), 485 километри северно од Атина, едно од најдобрите археолошки наоѓалишта во Грција. Меѓу погребаните македонските кралски личности таму е и Филип Втори, таткото на Александар.
Договорот, кој се очекува да биде одобрен в четврток (денеска – н.з.), ќе го преименува соседот на Грција во Република Северна Македонија – чекор што, според владата во Атина, ќе ја промовира трговијата и од кој ќе имаат корист двете земји. Критичарите, пак, велат дека зделката, договорена со посредство на грчкиот премиер Алексис Ципрас и на неговиот македонски колега Зоран Заев, ќе создаде само конфузија и ќе посее нови проблеми. Клучен момент за нив е признавањето од страна на Грција на македонскиот јазик и идентитет северно од границата.
Многу домови во тоа мало село се украсени со сини знамиња со Сонцето од Вергина (Кутлеш), древен македонски симбол, за кој се смета дека е знак на кралското семејство на Филип. Но, продавачката на сувенири Елени рече дека повеќето луѓе надвор од Грција се запознаени со црвено-жолтото знаме усвоено од Скопје во 1995 година, кое исто така го носи сонцето.
„Туристите доаѓаат од различни европски земји и сакаат да го купат знамето на Македонија. Кога им го покажувам (синото) знаме, тие ми велат дека грешам и оти тоа треба да е црвено и жолто“, забележува таа луто. „Тоа е она што нашите политичари го постигнаа: ги натераа луѓето да веруваат дека Македонија не е во Грција!“, додава таа.
На север до границата постои и опозиција поради незадоволството од промената на името. Националистичките сојузници на Ципрас ја напуштија Владата претходно овој месец поради договорот. Неговата левичарска влада вели дека протестите се организирани од екстремни десничарски групи, а неколку пратеници дури велат дека им се закануваат со смрт. Нов протест во меѓувреме е закажан за в четврток (денеска – н.з.) во Атина.
„Обесете ги предавниците“, викаа неколку незадоволни од промената на името и против договорот за време на протестот што се одржа во северниот грчки град Верија (Бер – н.з.) оваа недела. Локалниот градоначалник ѝ рече на толпата од околу 1.000 луѓе дека Грција била „притисната“ за потпишување на договорот од страна на „нашите т.н. сојузници САД и Германија“.
„Треба да има референдум. Повеќето Грци не го сакаат овој договор. Наскоро (Македонците – н.з.) ќе почнат да претендираат на древните македонски градови“, вели Никос Калајцидис, 37-годишен демонстрант.
Во археолошкиот музеј во Вергина (Кутлеш) локалните власти гледаат со сомнеж на посетите од туристички групи од соседна Македонија, рече еден вработен.
„Ако има водич со нив, ние испраќаме некој да дознае што им е кажано за археолошките наоди“, рече експертот. „Бидејќи тврдат дека зборуваат македонски, бараме од нив да го прочитаат она што е напишано на (старо)грчките надгробни плочи“, додаде официјалното лице.
За повеќето Грци Александар Велики е составен дел од нивното наследство – еден од најголемите освојувачи во историјата, кој ја урнал Персиската империја и ја раширил грчката култура до Египет и Индија во 4 век пред Христа. Подоцна, Римјаните создале огромна провинција наречена Македонија, која вклучува делови од современа Албанија, Македонија и Бугарија. Потоа Словените се преселуваат во регионот на денешна Македонија во 6 век по Христа.
Ангелос Сиригос, професор по меѓународно право на Универзитет „Пантеон“ во Атина, забележува дека прашањето со Македонија е длабоко за Грците, бидејќи земјата е освојувана три пати на нејзината северна граница во последниот век.
„Грците не се особено загрижени од евентуалните иредентистички амбиции на Скопје, туку од други странски сили, кои би можеле да ја искористат соседната држава за да го наметнат своето влијание во регионот“, вели тој.
За време на претходникот на Заев, Никола Груевски, Македонија ги разгневи Грците, именувајќи ги главниот аеродром и автопатот по Александар Велики. Владата на Заев го измени македонскиот устав во прилог на договорот за промена на името и вети дека ќе стави крај на секое присвојување на античките грчки симболи. Но, многу луѓе сè уште се плашат дека тоа лесно може да се отповика од идната администрација во Скопје.
„Ние не можеме да го прифатиме тоа. Ќе ја продолжиме својата борба – дури и ако овој договор биде одобрен“, вели Вангелис Мавридис, селанец од Вергина (Кутлеш)“, стои во репортажата на Франс прес.





