
Во основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Аеродром, ова лето се реализира специјално дизајнирана програма за згрижување и едукација на учениците.
Aктивностите се спроведуваат во неколку општински основни училишта, каде Општина Аеродром во соработка со „Светот на Биби“, создаде услови и можност за учење и згрижување на најмладите за време на летните одмори.
Програмата е прецизно изработена од искусни и обучени педагози, наменета за да се грижи за потребите на дечињата, осигурувајќи безбедна средина за нив.
– Со секојдневните активности низ кои минуваат дечињата, покрај поддршката за згрижување во летниот период, се обезбедува можност за правилен психофизички развој, како и стекнување нови знаења и вештини преку интерактивни работилници, игри и предавања, се вели во соопштението на општината.
Градоначалникот Тимчо Муцунски изрази благодарност до сите кои придонесуваат за реализацијата на овој проект кој ја прават општина Аеродром уникатен пример во грижата за дечињата.
– Грижата за најмладите е високо во нашите цели и приоритети, со ваквите активности создаваме лето исполнето со радост, учење и незаборавни спомени, но и обезбедувајќи грижа и едукација помагаме на семејствата и родителите. Досега, повеќе од 100 дечиња од Аеродром присуствуваат и се дел од оваа програма. Овој проект, ја прави Општина Аеродром уникатен пример во грижата за најмладите, напиша Муцунски.




