Јавното обвинителство на Македонија предупреди преку медиумите дека „одобрување или оправдување геноцид, злосторства против човечноста, или воени злосторства е кривично дело предвидено во членот 407-а од Кривичниот законик“. „Поврзано со случувањата во Украина ќе се презема кривичен прогон и ќе бидат изрекувани казни со затвор од една до пет години против сите сторители, кои со своите објави и јавно изнесени ставови ќе го сторат наведеното кривично дело, кои јавно ги негираат, грубо ги минимизираат, ги одобруваат и ги оправдуваат ваквите кривични дела.“
Но, дали некоја меѓународна институција или форум, некој суд веќе ги оквалификувал како геноцид, злосторства против човечноста, или како воени злосторства поодделните случувања во Украина? Дали Меѓународниот кривичен суд со седиште во Хаг ја има правната надлежност тој да оквалификува што е „геноцид, злосторства против човечноста, или воени злосторства“ во украинскиот случај? Меѓутоа, од македонското државно Обвинителство порачуваат дека „во членот 404 од Кривичниот законик е наведено точно што опфаќа поимот воено злосторство против цивилно население“.
Има уште една нејаснотија: зошто досега вака не се реагирало и во врска со војните во Ирак, во Либија, Авганистан, во врска со Палестина, Руанда? И таму имало елементи на геноцид, убивања население и сешто. Бездруго во тогашните години некој, или некои од граѓаните во Македонија имал, или имале кажувано нешто во јавноста околу тие случувања во тие странски држави, но јас немам чуено, или не сум стасал да забележам дека тогаш Обвинителството јавно предупредило да не се прават кривични дела на „одобрување, или оправдување“ на тие случувања и во тие држави, како што сега е посочено во врска со Украина.
Уште една дилема. Една неодамнешна анкета на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Македонија покажа „дека се зголемува руското влијание“ и оти „во однос на надворешната политика, 60 отсто од граѓаните на Македонија се согласуваат дека силните односи со Русија им служат на нивните интереси“. Не мал број од овие граѓани, што вака мислат за Русија, можеби на фејсбук напишале нешто за Украина. Дали сите тие, или дел од нив ќе одат во затвор, ако пак кажат, или ако напишат нешто слично на фејсбук?
Но, како ќе се третираат и таквите како мене, кои не се вдлабочуваат во случувањата во Украина, кои немаат став било „за“ било „против“ случувањата во Украина, кои не „фаќаат“ ничија страна? Дали и таквите неутрални со ставови ќе бидат соодветно сакционирани, ќе мора ли во секој случај да се искажува поддршка за Украина и Зеленски? Јас сочувствувам со било чија смрт во Украина и сум приврзаник на мирот и таму и насекаде, секако дека посакувам, ако би било можно, уште веднаш да стивнат експлозиите, пукањата и убиствата во Украина. Сигурно, ниеден нормален човек не може да не осуди дела на геноцид и на воени злосторства против човештвото, но за вакви сериозни квалификации треба и сериозно обмислување: кој, кога, против кого, што и зошто направил?
Моите мисли и грижи се соодветно насочени и тоа попрво кон мојава растурена, обезименета и обездржавена татковина Македонија. Мене ме интересираат повеќе нашите „македонцки работи“. Не ни се потребни во овој момент ниту антируски, или проруски определувања, ниту антиукраински, или проукраински. Македонија си има и грамада свои маки и проблеми за решавање, и внатрешни и надворешни, па затоа да мислиме и да дејствуваме најпрво промакедонски.
Ќе се запрашам јавно и за уште нешто друго. Во одделни држави на Западот и буквата „Z“, која Русите ја истакнуваат како знак на нивната „специјална воена операција“ во Украина, започнува да се санкционира. Има најави дека и за нејзиното јавно истакнување ќе се изрекувале казни. Една западна компанија веќе ја исфрли таа буква од своето компаниско лого. Како ќе се третира, ако некој во Македонија, од која било причина, напише латинична буква „Z“ во јавно објавен текст, каков било да е? Дали и тој ќе биде кривично гонет, поради „одобрување или оправдување геноцид, злосторства против човечноста, или воени злосторства“?
Уште и пред, евентуално, да се прошири листата и со такви кривични дела можеби би било добро јазичарите од Институтот за македонски јазик од латиничната верзија на македонската азбука да ги избришат буквите „Z“, „R“ „P“ и секоја друга, што ќе асоцира на поддршка било кому во Украина, за да не се најде никој во опасност да оди во затвор.
Напоредно со грижата за Украина, редно би било македонските политичари и органи на кривичниот прогон да се зафатат и за состојбите во Македонија. Поврзано со Украина, Обвинителството предупреди и дека, ако „делото е сторено со намера за поттикнување омраза, дискриминација или насилство против некое лице или група на лица, поради нивната национална, етничка или расна припадност или верска определба, сторителот ќе се казни со казна затвор од најмалку четири години“.
Законот мора да се почитува и да се спроведува, но, дали и како ќе третираат оние кои и во Македонија поттикнуваат омраза и дискриминација, но напати и насилство кон македонскиот народ? Нека се ѕирне низ медиумите и во општествените мрежи, нека се слушне по спортските натпревари, па ќе се види, ќе се чуе и ќе се прочита што се има, или нема…






