Грешки во чекори – или како да си ја доуништиш кампањата пред вториот круг! – пишува Драган Милосављевиќ

Кога политичар победува се му се простува. Сите грешки, лаги, спинови и трикови. Не затоа што граѓаните се глупави и прости, туку затоа што буката од победата ги потиснува гласовите на разумот кои интимно ви велат дека нешто не е во ред и дека еден ден ќе треба да се плати огромна цена за сега голтнатите евтини залаци. Ама кога истиот политичар губи, тогаш никој повеќе не може да прости и на виделина излегува сиот трулеж кој претходно се ставал под тепих, во подрум или на таван сеедно. И грешките се множат како на филмска лента. Најпрвин се спомнува крв. Каде, како, чија крв? Потоа следат пораки за борба против злото. Ние „прогресивните“, против нив – чудовиштата, злобните, режимот. Каков прогрес со поддршка за Мерко во Струга ќе праша некој? Режимот? Па режимот, оној за кого премиерот зборува, го нема веќе пет години, а напротив сите релевантни светски фактори велат дека токму неговото владеење е исто така режим. Хибриден режим.



И злото? Изгледа многу зло има во Македонија, бидејќи под зло врхушката во СДСМ го подразбира буквално секој што не е дел од нивниот „прогрес“. ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Алтернатива, Левица, еден тон мали партии, независни интелектуалци, граѓани на кои им е дојдено преку глава од лаги и неуспеси. Сите тие се „злото“ од кое после пет години власт премиерот сака да ја спасува земјата.

И конечно војната. „Извлековме повеќе поуки, или ќе бидеме сите среќни или ќе нема среќа за никого, но убеден сум дека ќе го избереме најдоброто. На само еден чекор сме низбрдо, дали во 2006 година или во 2001 година и повторно да сме во криза“ громогласно извикува премиерот во очајнички обид да му ја спаси камапањата на Петре Шилегов во Скопје. Значи, јасно е, ако Шилегов не остане градоначалник, иако ништо корисно не направи за метрополата, иако е вмешан во низа сомнителни коруптивни активности, иако е арогантен и дрзок шовинист, со Данела Аросвска се враќаме во 2001 година кога земјата беше во војна. Баш некако Данела и личи на човек кој само што не започнал едно ново крваво конфликтче, зарем не? Но кога веќе господинот Заев ја спомнува 2001 година, без да се навраќаме на вистинските причини за тој меѓунационален судир, да потсетиме дека ДУИ, партијата со која успешно ја дели власта е составена од луѓето кои пукаа врз Скопје и врз Македонија. И уште неколку забелешки, ако смеам да додадам. Премиер во таа година беше Љубчо Георгиевски, човек кој сега е активен, речиси љубовнички занесен сојузник на СДСМ во власта. Па ако ви е малку, да дополнам дека во истата воена 2001, Љубе Бошковски беше министер за внатрешни работи. Братот Љубе кој исто така е верен член на коалицијата предводена од СДСМ. И Генерал Стојанче, тогаш полициски генеерал, веќе години наназад е силен поддржувач и негувател на идеите на Зоран Заев и неговото друштво.

Па како тогаш ако ја избереме Данела Арсовска во Скопје или професорката Наташа Котлар во Центар веднаш ќе се вратиме „низбрдо“, право во нова војна? Сите учесници во тогашното „сражение“ се дел од владата на Заев! Но добро. Нема да има никаква војна, нема да дојде до конфликти, тоа е повеќе од јасно. Само што, кога човек губи и кога му станува јасно дека крајот е блиску, го фаќа паника и започнува да греши во чекори. Да тоне како сидро и со себе да го влече целиот брод. Кон дното, кон песокот до кој не допира сонцето. Таму каде што во заседа чекаат чудовиштата од морските длабочини. Е тоа е проблем, мора да се признае, ама не наш, не на граѓаните на Македонија, туку само на убавото друштво од Илинденска. Нека си купат маски на нуркање. И пераи, секако.