Грците ќе ни го чуваат небото

„Началниците на генералштабовите на Грција и Северна Македонија ќе потпишат Договор за надзор на воздушниот простор на Скопје, што во овој момент е императив, бидејќи е во корист на нашиот национален интерес“, изјави грчкиот министер за одбрана, Никос Панајотопулос во интервју за атинскиот весник „Катимерини”.



Како што јавува МИА од Атина, Договорот за одбранбена соработка е резултат на генералниот Договор од Преспа.

На 2 април годинава, при посетата на Скопје на тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас и министрите од неговата Влада, меѓу потпишаните билатерални договори беше и оној меѓу министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и тогашниот министер за национална одбрана на Грција, Евангелос Апостолакис.

Тие потпишаа нов сеопфатен Договор за соработка во одбраната, 20 години по потпишувањето на првиот од овој тип, а во него се наведени областите на соработка од взаемен интерес – стратешкиот дијалог, одбранбената политика и доктрини, развој на одбранбените способности, одбранбеното планирање, логистиката, воената медицина, военото образование итн.