Грција влезе во целосен карантин од 06 часот утрово, а властите соопштија дека тој ќе биде целосно спроведен, со строги казни за прекршувањата.
Глоба од 300 евра, ќе се изрече на оние кои ги прекршуваат правилата за користење маска во затворено и надвор, непочитување на социјалното дистанцирање и за неоправдано излегување од дома.
Уште повеќе, работодавачите кои даваат лажни дозволи за движење на вработените ќе бидат казнети со 500 евра. Компаниите кои работат во спротивност со новите мерки и заклучувањето се соочуваат со казни од 3.000 до 5.000 евра, јавува Катимерини.
„Од денеска па до 30 ноемврти, затворено ќе биде речиси сѐ. Продавниците, кафулињата, угостителските објекти, средните училишта и универзитети, фитнес центрите, кината, музеите, театрите, ноќните клубови, ставија клуч на врата, а забрането е и патување меѓу општини.
За разлика од првиот карантин, сега маската е задолжителна при секое излегување, додека пак овој пат, отворени ќе бидат градинките и основните училишта. Средношколците ќе следат онлајн настава, а истото важи и за предавањата за студентите. Освен основите училишта и градинките, отворени ќе бидат супермаркетите, продавниците за храна, фурните, месарниците, пет шоповите, аптеките, бензинските станици.
Агенцијата АНА-МПА јави дека во пресрет на локдаунот, само вчера повеќе од 40.000 автомобили ја напуштиле грчката престолнина.






