Грција со солзавец против бегалците, а во 2016 година ја обвини Македонија за тоа?!

Денешните сцени на грчко-турската граница потсетија на тие од грчко-македонската пред четири години, само што тогаш Грција ја обвини Македонија за употребата на солзавец против бегалците, за сега членката на Европската унија да ја брани својата територија на ист начин!



„Десетици мигранти и бегалци беа повредени во неделата кога македонската полиција истрела солзавец и гумени куршуми врз толпата на грчката страна од границата, изјавија хуманитарни работници, чин кој Атина го нарече ‘опасен и непристоен’“, се вели во извештајот на новинската агенција Ројтерс од април 2016 година насловен „Грција ја обвинува Македонија за солзавец и гумени куршуми против мигрантите“.

Денеска турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу ја обвини Грција токму за употребата на солзавец врз мигрантите.

„Видете кој ни држи лекции по меѓународно право! Тие бесрамно фрлаат бомби со солзавец врз илјадниците невини бегалци натрупани на нивните порти. Ние немаме обврска да ги запреме луѓето да ја напуштат нашата земја, но Грција има должност да ги третира како човечки суштества!“, изјави Чавушоглу.