Позицијата на Грција да не ја признава независноста на Косово е добро позната и останува непроменета, изјави грчкиот амбасадор во Србија, Јоргос Диакофотакис по изјавите на аналитичарите за надворешна политика Дејвид Филипс и Даниел Сервер дека Грција ќе ја смени својата позиција и веројатно ќе го признае Косово.
„Во принцип, ние не ги коментираме мислењата на аналитичарите, грчката позиција за непризнавање на Косово е добро позната и останува непроменета“, рече Диакофотакис во писмениот одговор, кој беше испратен до Танјуг од неговата прес-служба.
Пет земји на Европската унија не го признаваат Косово: Кипар, Грција, Романија, Словачка и Шпанија.
Филипс и Даниел Сервер за РТВ Дукаѓини изјавија дека не очекуваат петте земји од Европската унија што не го признаа Косово да ги сменат своите позиции, освен Грција. Грција најверојатно ќе го признае Косово. „Ѕидот што беше создаден од фактот дека пет земји не го признаа Косово наскоро ќе започне да се руши, кога Грција или некоја друга земја ќе одлучи да го признае Косово“, рече Филипс.






