Грција: ПАСОК се враќа!

Членовите на грчката партија Движење на промена, одлучија во името на партијата да се врати и зборот „ПАСОК“ како и стариот партиски симбол, зеленото сонце, јави дописничката на МИА од Атина.



Панхеленското социјалистичко движење ПАСОК било основана на 3 септември 1974 од Андреас Папандреу.

Последен лидер на партијата под името ПАСОК беше Јоргос Папандреу, син на Андреас, поранешен министер за надворешни работи и премиер на Грција.

Над 170.000 членови на вчерашните внатре партиски избори за делегати во пресрет на Конгресот за две седмици, меѓу другото гласаа и за ново име на партија.

Првата опција беше актуелното име „Движење на промена“ со актуелниот симбол, додека пак втората опција беше комбинација од старото и новото име, односно „ПАСОК – Движење на промена“, пропратено со симболот на ПАСОК, зелено сонце.

Лидерот на партијата Никос Андрулакис рече дека граѓаните одлучија и се враќа симболот – сонцето.

„Од ден на ден градиме нов однос на доверба со грчкиот народ на секое поле од големите предизвици на нашето време. Пред нас се клучни општествени и политички битки. Одиме напред со ПАСОК- Движење на промена. Сите заедно ќе успееме. Сите заедно ќе победиме“, порача Андрулакис.

Станува збор за партијата која од 2017 година го промени името од ПАСОК во Движење на промена, а новиот лидер Никос Андрулакис избран пред неколку месеци најави враќање на старото име.

„Движење на промена“ е трета политичка сила во Грција.