Грција пак ја продолжи забраната за влез за граѓани на трети земји

Грчката Влада пак ги продолжи за уште две седмици одлуките за забрана за влез во Грција на државјани на трети земји и за ограничување на копнените граници со Македонија, Турција и Албанија – односно до 5 април 2021 година, јави дописничката на МИА од Атина.



Согласно министерската одлука за „воведување мерки за привремено ограничување на копнените, воздушните и морските поврзувања на земјата, за забрана за влез во земјата на државјани на трети земји, освен од државите на Европската унија и Шенген зоната“ за да се ограничи ширењето на коровирусот што синоќа беше објавена во Службен весник на Грција, продолжени и дополнителните рестрикции за влез во земјата преку граничните премини Евзони со Северна Македонија и Какавиа со Албанија, како и задолжителниот карантин.

Граничните премини Евзони (Богородица) и Какавиа работат од 7 до 19 часот, по локално време, а дневно дозволено е во Грција да влезат најмногу 400 лица, додека пак задолжителен е домашен карантин од 14 дена.

На овие гранични премини, на сите, задолжително им се прави брз тест, вклучително и на возачите на камионите, а при позитивен резултат нема да биде дозволен влез.

Новите построги мерки, односно брзите тестови при влезот и работното време на граничните премини важат и за транспортерите, нешто што беше причина да реагираат камионџиите од Грција и Македонија, кои на почетокот на месецов одржаа протест на Евзони (Богородица).