Грчкиот Висок суд во вторникот ги отфрли жалбите со кои се бара укинување на забраната за верски служби за време на велигденските празници.
Судиите на Државниот совет соопштија дека неодамнешната мерка со која се забранува присуство на верски служби, е од јавен интерес и е дел од мерките за ограничување на движење за време на коронавирусот, пренесе „Катимерини“.
Во Грција 81 лице починало како последица од Ковид-19 а властите велат дека ограничувањата се покажаа ефикасни досега.
Речиси сите верски заедници во светот ги прекинаа верските собири за да им помогнат на властите во борбата против пандемијата.
Некои од најголемите светилишта во светот, како што е Мека, или верските светилишта во Ерусалим, исто така, се затворени за верниците поради коронавирусот.
Папата Франциско, поглавар на Римокатоличката црква, исто така ги повика верниците да избегнуваат црковни собири за да се заштитат себеси и другите.




