Социјалдемократскиот сојуз наскоро ќе треба да се откаже од своето официјално име во кое стои зборот Македонија или да се откаже од државните пари кои ги добива секоја година, коментираат грчки научни извори кои ја поздравуваат одлуката на министерот Маричиќ да забрани регистрација на невладини организации кои го содржат зборот Македонија.
По објавените информации дека македонски организации во регистрацијата на своето име не можат да ги содржат зборовите Македонија или АСНОМ, Атина очекува СДСМ да покаже добра воља во спроведување на договорот и да ја спроведе и клаузулата од Преспанскиот договор според која името Македонија не треба да се користи од страна на јавни институции ниту дома ниту во странство.
Според нив СДСМ е една од македонските политички партии која согласно закон и резултатите од изборите е финансирана од државата со што влегува во групата ентитети за кои важи и духот и содржината на договорот.
Во аргументирање на своите позиции во кои очекува СДСМ да направи промена на своето име грчкиот извор зборува за “незгодните” ситуации кога претставници на партијата која во името го содржи името Македонија ја посетува Грција и создава тензии кај делови од грчките власти и јавноста.
Посебен проблем за грчките позиции е англиската транскрипција на името на СДСМ која на меѓународно ниво создава забуна затоа што сугерира дека се работи за партија која е дел од грчка Македонија или дека се однесува на целиот регион Македонија.
Како аргумент дека СДСМ има обврска да го смени своето име од Социјалдемократски сојуз на Македонија во Социјалдемократски сојуз на (Република) Северна Македонија грчката страна наведува повеќе параграфи од ставот 3 од членот 1 од Преспанскиот договор.
“Согласно тие преговори, заемно е прифатено и договорено следново:
а) Официјалното име на Втората страна ќе биде „Република Северна Македонија“, што ќе претставува уставно име на Втората страна и ќе се употребува erga omnes, како што е предвидено во оваа спогодба. Скратеното име на Втората страна ќе биде „Северна Македонија“.
б) Државјанството на Втората страна ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи.
в) Официјалниот јазик на Втората страна ќе биде „македонски јазик“,како што е признаено на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 г. и како што е опишано во член 7, став (3) и став (4) од оваа спогодба.
г) Термините „Македонија“ и „македонски“ го имаат значењето дадено во член 7 од оваа спогодба.
д) Кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО).
ѓ) Придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име на Втората страна или со нејзиното скратено име, односно „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“. Други употреби на придавката, вклучително и употребата на придавкатаво однос на приватни ентитети и актери, кои не се поврзани со државата и јавните ентитети, кои не се основани со закон и не добиваат финансиска поддршка од државата за активности надвор од државата, можат да бидат во согласност со член 7, став (3) и став (4). Употребата на придавката за активности може да биде во согласност со член 7, став (3) и став (4). Ова не влијае на процесот воспоставен според член1, став 3 (ж) и на постојните сложени имиња на градовите на датумот на потпишување на оваа спогодба.
е) Втората страна ќе го прифати името „Република Северна Македонија“ како нејзиното официјално име, како и термините наведени во член 1, став (3), спроведувајќи внатрешна постапка која е и обврзувачка и неотповиклива и ќе вклучи усвојување на амандман на Уставот, како што е договорено со оваа спогодба.
ж) Во врска со погоренаведеното име и термини во имиња за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци, Страните се согласуваат да им дадат поддршка и да ги охрабрат своите деловни заедници да воспостават искрен, структуиран и во добра волја дијалог, во чии рамки ќе бараат и ќе постигнуваат заемно прифатливи решенија за прашањата кои произлегуваат од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитни знаци и за сите релевантни прашања, на билатерално и на меѓународно ниво. За спроведување на претходно наведените одредби, ќе се формира меѓународна група на експерти, која ќе ја сочинуваат претставници на двете држави, а во контекст на Европската Унија и со соодветен придонес на Обединетите нации и ИСО. Оваа Група на експерти ќе се формира во текот на 2019 г. и ќе ја заврши својата работа во рок од три години. Ниту една одредба од член 1, став 3 (ж) нема да влијае на сегашната комерцијална употреба сè додека не се постигне заемна согласност, како што е предвидено во оваа алинеја.
На прашање дали Атина очекува промена на името и на ВМРО-ДПМНЕ, изворот кој бил дел од грчката екипа која го анализирала текстот при потпишувањето на Преспанскиот договор вели дека клаузулата формално – правно важи само за зборот Македонија, не ја опфаќа придавката македонски но дека би било знак на добра волја доколку и ВМРО-ДПМНЕ го промени своето име.
Грчките извори ја поздравуваат позицијата на министерот Маричиќ кој го следи духот на Преспанскиот договор и ги повикуваат сите македонски политички фактори да го следат Маричиќ.




