Грција соопшти дека ќе го обнови барањето за средства од Европската унија во 2022 година за продолжување на „ѕидот“ на границата со Турција и вети дека ќе ја прошири мрежа за надзор чија цел е да ги спречи илегалните мигранти да влегуваат во земјата, објави АП.
Грчката влада ја заостри миграциската политика на земјата и неодамна го заврши продолжувањето на челичниот граничен ѕид од 26, на 38 километри.
„Ние веруваме дека безбедноста на нашите сопствени граници е поврзана со безбедноста на ЕУ“, рече министерот за јавен ред Такис Теодорикакос.
Контролен центар кој ги обработува податоците од новоизградените кули за граничен надзор, опремен со камери со долг дострел и повеќе сензори, треба да започне со работа на почетокот на 2022 година, рече тој.
Досега, ѕидот и мрежата за откривање помогнаа да се спречат повеќе од 143.000 обиди за илегално преминување на грчко-турската копнена граница, во првите 8 месеци од оваа година.







