Грција ја стопира продажбата на пристаништето „Александрополис“

Грција ја укина приватизацијата на своето северно пристаниште „Александрополис“ и одлучи тоа да остане во државна сопственост, соопшти грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.



Според него „геополитичките настани“ поттикнале преиспитување на договорот за продажба на мнозинскиот удел во објектот на приватни инвеститори, објави Ројтерс.

Александрополис има потенцијал да стане енергетски центар за Централна Европа. Се наоѓа во Северна Грција, во близина на границите со Бугарија и Турција.

Се планира создавање на пловечки објект за складирање и регасификација на гас.

„Владата одлучи дека, во сегашните околности, Александрополис е од толку големо стратегиско, геополитичко и енергетско значење за нашата земја што треба да остане под јурисдикција на грчката јавност“, рече Мицотакис.

Во септември Грција доби две понуди за удел од 67 отсто од пристаништето.