Грција ја спушти рампата за српските туристи

Грција ја затвори границата за српските граѓани утрово во шест часот, со исклучок на неопходните патувања за кои е потребна посебна дозвола, а српските граѓани кои веќе се во Грција како туристи, ќе можат да останат таму до крајот на аранжманот.



„Ги предупредуваме граѓаните да не одат во Грција за да ја избегнат ситуацијата голем број наши граѓани да се најдат на патот или на грчките гранични премини без можност да влезат на територијата на Грција“, апелираше српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Портпаролот на владата во Атина, Аристотелија Пелони, изјави дека „според новите епидемиолошки податоци, решено е да се запре влезот на српските граѓани во Грција од понеделник, 6 јули, во шест часот наутро, јави агенцијата Ана-МПА“.

Одлуката ќе трае до 15 јули.

Грција ја отвори границата за граѓаните на Србија и другите земји на 1 јули.

Бугарската агенција БГНЕС јавува дека колоната автомобили за влез во Грција преку граничниот премин Кулата вчера била долга десетина километри. Причина, одлуката на Грција да затвори за туристи два гранични премини меѓу Грција и Бугарија: Преку граничниот премин Маказа од вчера е дозволен е влез во Грција само на Бугари со работни визи во Грција, а преку граничниот премин Капетан Петко Војвода, сезонски работници и камиони.