Грција ги заостри мерките за влез на туристи

Задолжителна потврда на англиски јазик за негативен тест за Ковид-19, треба да имаат туристите од земјите за кои е дозволено патување во Грција и тоа пореку граничниот премин Кулата – Промахонас на бугарско-грчката граница.



Како што јавува дописничката на МИА од Атина, причина за ова е зголемениот број позитивни „увезени“ случаи на коронавирус особено од конкретниот граничен премин со Бугарија,кој е и единствениот отворен за туристи.

Портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас, на редовниот брифинг со новинарите во понеделникот истакна дека потврдите детално ќе се проверуваат, а во случај на „неавтентичен, фалсификуван документ ќе се воведат предвидените санкции”.

Сите туристи, независно од начинот на кој пристигнуваат во Грција, исто така потребно е да го имаат пополнето и специјалниот образец PLF (Passenger Locator Form), преку интернет страницата https://travel.gov.gr, најдоцна претходниот ден пред патувањето, а не во период од 48 часа како што важеше претходно.

Од почетокот на епидемијата во Грција се регистрирани вкупно 3.883 случаи на Ковид-19.