Сите членови на групата Bad Blue Boys (БББ), навивачи на „Динамо“, кои полицијата ги уапси врз основа на европска потерница, ќе бидат изведени пред судијата на Жупанискиот суд во Загреб, јавува ХРТ.
По нередите во Атина во август, во кои беше убиен грчки навивач, тие побегнаа од Грција, која сега бара Хрватска да ги екстрадира.
На еден од уапсените навивачи му е одреден притвор до екстрадиција во Грција.
Тие се товарат за 7 кривични дела од кои најтешко е учество во тепачка со смртен исход. Првата правна битка уапсените ќе ја водат дома – ќе бараат од хрватското правосудство да не ги екстрадира.
Доколку судот одлучи да ги екстрадира хрватските државјани во Грција, тие имаат право на жалба против таа одлука.
„Рокот за екстрадиција е 60 дена, меѓутоа, овие рокови може да се продолжат, во случај на пример да не е преведена европската потерница или нешто слично, па има цела низа можности што може да се случи да се пролонгираат сето ова“, изјави адвокатот Нино Ќосиќ.
Истовремено, истрагата во Грција се уште не дава одговори кој е убиецот на 29-годишниот Михалис. Адвокатот на 96-те уапсени хрватски навивачи Атанасиос Кајменакис е убеден дека убиецот не е член на БББ.
А кога стотина приведени членови на БББ ќе излезат од истражниот затвор во Грција е прашање на кое засега никој нема одговор.







