Грчките граничари и службениците на граничната агенција на ЕУ Фронтекс во петокот спасиле 92 голи мигранти од бреговите на реката Еврос, на североисточната граница со Турција, соопшти вчераа Министерството за заштита на граѓаните.
Мигрантите „беа напуштени целосно голи и без никаква опрема“, соопшти Министерството.
Откако биле спасени, тие им кажале на службениците на Одделот за гранична стража дека турските власти со три возила ги пренеле во Еврос, каде што се качиле на пластични чамци за да преминат на грчка страна, објави Катимерини.
„Турција продолжува отворено да ги инструментализира мигрантите, да ги крши човековите права, да го крши меѓународното право“, соопшти Министерството.
„Додека Грција ефективно ги штити своите граници, покажувајќи почит кон човечкиот живот, Турција продолжува да го игнорира не само меѓународното право, туку и основното човечко однесување“.






