Јанис Армаколас, професор на Универзитет „Македонија“ од Солун, на денешната трибина во Скопје изрази песимизам дека Македонија ќе добие покана за членство во НАТО на самитот во Брисел во јули, уверен дека во моментов нема мнозинство ни во парламентот, ни во јавноста на неговата земја што би поддржале такво нешто.
„Во моментов, ако се постигне договор, нема да има мнозинство во грчкиот парламент, поради тоа што помалиот партнер во владеачката коалиција изјави дека нема да гласа за компромисно решение. Грчката јавност е веќе убедена од 1990-тите дека не е направено многу за да се пренасочи тој однос и тоа негативно мислење за вашата земја, за која мисли дека сака да преземе дел од нашата национална античка историја. Грчкото општество навистина премногу е убедено дека ние сме во право за нашата античка историја“, изјави Армаколас на трибината насловена „Каде е јазот: Името ли е или непознавањето едни со други?“.





