Ова го потврди Милтиадес Бабилис, главен извршен директор на Енерџи деливери солушнс (ЕДС), зад која стои електроенергетскиот гигант ППЦ, во интервју за Фактор.



Вели дека ЕДС го исполнува условот на јавниот повик за избор на универзален снабдувач со електрична енергија на регулираниот пазар за работен капитал од 40 милиони евра.

„Во рамки на нашата стратегија за развој на компанијата и нејзино целосно интегрирање во секој сегмент од енергетскиот пазар донесовме деловна одлука да земеме учество во јавниот повик за избор на универзален снабдувач. Изминатиот период сериозно работевме и се подготвувавме за овој навистина значаен подвиг. Оценивме дека како компанија, како тим сме комплетно подготвени да одговориме на оваа одговорна улога во државата.

Очекуваме дека целата постапка за избор на нов универзален снабдувач за домаќинствата и малите потрошувачи ќе биде транспарентно спроведена, со почитување на начелата за фер конкуренција и дека ќе биде донесена одлука од која што најголема придобивка ќе имаат граѓаните. И токму она што е најголем интерес на граѓаните, го имавме ние како компанија предвид при подготовката за овој повик. Јавноста треба да знае дека нашата понуда ќе биде многу конкурентна и со значително пониска маржа“, изјави првиот човек на ЕДС.

Владата на 11 декември го објави јавниот повик за универзален снабдувач на струја за домаќинствата и малите потошувачи, а на пазарот, освен ЕВН Хоум, интерес пројавија и други компании од овој сектор.

Најсериозна конкуренција на овој повик доаѓа од ЕДС, зад која стои грчката ППЦ која има годишни приходи од близу 11 милијарди евра и има своите претставништва во повеќе земји низ југоисточна Европа.