„Инсистирањето на ФИРОМ на ‘македонски’ идентитет и употребата на симболи од грчкото минато претставуваат посебна опасност за регионалната стабилност. Истовремено, употребата на името Македонија надвор од грчката национална творба, како и скопското присвојување на грчки историски симболи, во Грција е видено како узурпација на идентитетот и закана на целата нација“.
Овој дел од написот на српското интернет списание „Балкан магазин“ ја содржи поентата на излагањата на тркалезната маса на грчката заедница во Париз, одржана на 27 март во Грчкиот дом, за тековните разговори за разликите околу името на Македонија.
Според дискутантите, словенските Македонци ги измислил српски географ кон крајот на 19. век и тогаш Грција била задоволна, бидејќи со тоа се оддалечувала бугарската опасност. „Меѓутоа, денешната држава на словенскиот народ во вардарска Македонија и неговото барање на национален идентитет почна да им создава проблеми не само на Грција, туку и на Албанија“.
„Решавањето на проблемот на скопска Македонија добива изглед на квадратура на кругот во која секој предлог е лош. Ако Грција и ЕУ не успеат да пронајдат трајно решение, може да се насети дека губењето на дипломатската ефикасност неминовно ќе одведе кон внатрешна поделба на грчкиот народ“, пишува магазинот, кој по елаборацијата на состојбите на Балканот во моментов повторно се осврнува на македонското прашање.
„Во такви прилики и во нестабилен геополитички контекст, Грција смета дека за решавањето на идентитетскиот проблем на народот на ФИРОМ енеопходно да се обединат интелектуалните и политички сили на балканските и на европските земји. Нивна цел би требала да биде долгорочно решение врз основа на историската и на политичката стварност, а не краткорочни решенија засновани на измислени прилики. Улогата на Грција во барањето нови патишта, заклучија учесниците на тркалезната маса, би морала да биде насочена кон сензибилизација на различни земји чиешто учество се очекува во решавањето на геополитичката криза која ѝ се заканува на целата регија“, заклучува „Балкан магазин“.
На дискусијата под наслов „Атина: Скопје не одговара. Патот без излез кој го живее Грција судрена со неразбирањето на младата држава, бивша југословенска република, видено од страна на француски и на грчки набљудувачи“ учествувале Жозе Мануел Ламарк, новинар и стручњак за геополитика, Оливие Делорм, писател, историчар и некогашен професор на елитниот Факултет за политички науки во Париз, Кристијан Макаријан, директор на редакцијата на неделникот „Експрес“, Жорж Превелакис, професор по геополитика на Париски универзитет, како и Алексија Кефалас, новинака на француската телевизија и на грчкиот дневник „Та неа“. Уводен збор имал Димитрис Псијахас, конзул на Грција во Париз.





