Грчка парламентарна партија бара ново вето за Македонија поради „стотици прекршувања на Преспанскиот договор“

Демократското патриотско движење Ники (Победа), партија со 10 пратеници од вкупно 300 во Парламентот на Грција, ги искористи изјавите на шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при неодамнешната посета на Скопје за да побара ново вето за Македонија.



„Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на посетата на Скопје во неделата на 29 октомври 2023 година изрази целосна поддршка за влезот на Скопје во Европската унија и нејзината желба да го поздрави нивниот ‘уникатен идентитет и јазик, македонскиот јазик’ (‘Со нетрпение очекуваме да ви посакаме добредојде вам, на вашиот единствен идентитет и на вашиот јазик, македонскиот јазик’).

Она што пред неколку години беше незамисливо навредливо за Грците насекаде, денес е тажен резултат на срамниот и криминален Договор од Преспа што го потпиша СИРИЗА, а со подмолна апатија го одржува владата на Нова демократија. Стотиците суштински прекршувања на Договорот од Преспа од страна на највисоките институционални чинители на соседната држава, кои предаторски го користат името ‘Македонија’, но кои исто така се осмелуваат да зборуваат за ‘македонско малцинство’ во Грција, ѝ даваат на грчката страна причина да го откаже или да ја суспендира примената на договорот во целост или делумно.

Мирот, развојот и соработката на народите се градат со вистини и меѓусебно почитување, а не со провокации и измами. Ако Владата на Нова демократија сака да тврди дека ги штити нашите долгорочни национални права или дека ја почитува волјата на грчкиот народ, веднаш нека го осуди Договорот од Преспа и нека ги спроведе ветувањата на самиот премиер до грчкиот народ дека ќе стави вето на влезот на Скопје во ЕУ или заборави дека го вети?

Ако еднаш ни пречи отровната изјава на Фон дер Лајен, илјада пати ни пречи што овој отров великодушно ни го понудија грчките влади на СИРИЗА и на Нова демократија.

Ники ќе ја продолжи борбата за испраќање на Договорот од Преспа на единственото место што му припаѓа: корпата за отпадоци. Грчкиот народ заслужува подостоинствена иднина“, стои во соопштението на опозициската партија со седиште во Солун.