Грчева: Уставните измени водат кон преговарачката рамка, која нѐ укинува како македонски народ и значи бугарска окупација на Македонија

„Мит е дека ЕУ сака да нѐ прими, а ние се инаетиме и не правиме ‘една мала отстапка’. Дали има некој толку наивен што верува дека отстапката е мала? Токму таа отстапка, уставните измени, нѐ води кон погубната преговарачка рамка, која од нас бара да се укинеме како македонски народ, да се оставиме без историја, истата таа да ни ја пишуваат оние што нѐ негираат, та дури и своите безбедносни архиви да им ги предадеме на други, за да ни пресудуваат. Во старо време тоа беше дефиниција за окупација.“ – вели претседателката на вонпарламентарната партија „Глас за Македонија“ и универзитетска професорка Солза Грчева во својата колумна со наслов „Три мита за ЕУ“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Покрај другото, Грчева натаму пишува: Но прашањето е кој ни стокми таква рамка што не може да се прифати? Одговорот е: тие што божем сакаат да нѐ примат во својата врела прегратка. Проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан нема да има со децении. По стратегијата за де факто непроширување на Макрон, по самитот во Гренада, каде што точката за проширување од втора, отиде на последното место (датумот 2030 година исто така излета од орбитата), по анализата на куп интерни документи на Унијата, работите стануваат сѐ појасни.

Треба веќе еднаш да извлечеме поука: не е до исполнувањето на пропишаните критериуми, туку до интересот на ЕУ. За нас тој сега не постои. И секогаш ќе се најде некој што ќе одработи за непроширување. Сега е тоа Бугарија, утре може да биде и Грција. Наместо „брзиот колосек“ на кој ќе беше поставен нашиот воз, ветено директно од канцеларката Меркел среде Скопје, само да го промениме името, нашиот воз остана заглавен во некое железничко депо. Сега и уште за долго. Да потпишуваш самоубиствени договори е предавство, а договори без никакви гаранции и рокови е чист аматеризам на полуписмената „елита“.