„Додека обвинителите во Бугарија ги истражуваат наводните руски шпионски активности во Агенцијата за национална безбедност, бугарскиот премиер јавно изразува сомневање дека руските разузнавачи работеле директно против добрите односи со Македонија. Тој за бугарските медиуми изјави дека кавгите на неговата земја со соседот биле влошени токму од руските разузнавачи и нив ги посочува за главни виновници за влошувањето на бугарско-македонските односи.“ – вели Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „Ново алиби за непријателските политики спрема Македонија“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„Премиерот на Бугарија тврди дека руски разузнавачи работат против добрите односи со Македонија“
Павловска пишува: „Ѕидот што го постави Бугарија за Македонија пред портите на ЕУ, во кој речиси три години постојано удира Македонија, деновиве бугарскиот премиер Кирил Петков се обидува да го поврзе со руска шпионажа?! Тој се сомнева дека руски разузнавачи работеле против добрите односи со Македонија. ‘Ми беше пријавено дека руски шпиони работеле против односите меѓу Бугарија и Македонија. Некој се обидува погрешно да ги претстави интересите на Бугарија. Интересот на Русија отсекогаш бил да го спречи Западниот Балкан да има европска иднина.’ – изјавил Петков за бугарски медиум.“
„Оваа изјава на бугарскиот премиер, согледана во контекст на искажаната волја и активности за напредок во македонско-бугарските односи во насока на повлекување на бугарското вето за македонските преговори со ЕУ, може да биде разбрана како обид на Петков за барање алиби пред ЕУ за неразумните уцени што неговата земја ѝ ги прави на Македонија. Преку акцијата за внатрешно справување со русофилството во Бугарија Петков се обидува да добие поени пред ЕУ со истата приказна применета и за македонско-бугарските односи.“
„Софија ни подметнува пакет од русофилија и русофобија“
„Со изјавата за ‘руските шпиони што ни ги расипале односите’ бугарскиот премиер манипулативно го користи растечкиот тренд на русофобија во западната политика и медиуми. Обидот да се прикаже дека Русите ја расипале европската свадба на Македонија и Бугарија е подметнувачки од бугарска страна. Бугарија се позиционираше непријателски спрема Македонија во ЕУ. Нека не ни подметнуваат нам Бугарите, ни русофобија, ни русофилија и нека не си прават алиби за нивните непријателски политики спрема Македонија. Треба да ги преиспитаме нашите аргументи за влез во Унијата по секоја цена. Бугарското вето е неважно и воопшто не треба да се преговара за нивните недостојни услови и уцени.“ – вели професорката Солза Грчева, претседателка на Глас за Македонија.“
Интернет-врска до целата анализа:





