Грчева: „Македонија да не се истрчува во геополитичките конфликти – да се подзапре и со Бугарскиот и Преспанскиот договор“

„Развојот на настаните во руско-украинскиот конфликт создава голем предизвик за меѓународната заедница. Во ваков военоразбрануван поширок меѓународен контекст со највисок степен на сериозност е ставена на тест и веродостојноста во политиката за проширување на Унијата спрема земјите од Западниот Балкан“ – вели Јасминка Павловска во својата анализа „Украина го турка Западен Балкан сѐ поблиску до Унијата“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

„По руската инвазија политиките за проширување на ЕУ избиваат на врвот на агендата“

Павловска пишува: „Марко Трошановски, директор на институтот за демократија ‘Сосиетас цивилис’, смета дека идејата за брз прием на Украина во ЕУ не е во насока на решение на конфликтот, но и оти воената ескалација на руско-украинскиот спор може да го зголеми притисокот врз ЕУ за забрзување на процесот на проширување. ‘Воено-политичкиот притисок што го создаде руската интервенција во Украина може да има ефект во смисла ЕУ да престане да го преобмислува процесот на проширување и постојано да наоѓа изговори за негово одложување. Во нашиот, македонски случај може да значи и зголемување на европскиот притисок врз Бугарија да престане да го блокира почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ.’ – истакнува Трошановски.“

„Според светските и домашните (гео)политички аналитичари, случувањата во Украина несомнено ќе имаат одраз од секаков политичко-безбедносно-економски вид во Европа, а секако и на Балканот. Земјите што имаат сопствени внатрешнополитички предизвици, но и надворешнополитички искушенија, не треба да се истрчуваат со ставови и потези при големи геополитички конфликти. Во такви услови препорачливо е и Македонија да ги примири своите активности, кои наводно водат кон побрза евроинтеграција, како што се преговорите со Бугарија. ‘Претставниците на официјалната македонска политика на власт многу избрзаа со изразување ставови во однос на геополитичките конфликти, додека другите земји, па и сојузници реагираат повоздржано. Во услови на турбулентна геополитика треба малку повеќе да подзапреме со активностите и манифестацијата на нашата желба за побрза евроинтеграција. И пред ескалацијата на руско-украинскиот конфликт ни беше потребна дистанца во процесот на преговори со Бугарија, за да го повлечат ветото за почеток на нашите преговори со ЕУ. Особено што сѐ повеќе е очигледно дека условите на Бугарија наместо да се намалуваат – се зголемуваат.’ – вели професорката Солза Грчева.“



„Треба да подзапреме и со спроведување на Преспанскиот договор, зашто ни Грција не спроведува ништо од својот дел од обврските. Неконзистентноста на ЕУ во однос на нејзините сопствени принципи, во однос на политиката за проширување и нејзиното поставување во ескалираниот геополитички конфликт во улога на монета за поткусурување, треба да нѐ натера да ставиме прст на чело и да преиспитаме: каде одиме и по која цена?’ – нагласува Грчева.“

Интернет – врска до целата анализа:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/ukraina-go-turka-zapaden-balkan-s%d1%90-poblisku-do-unijata/