Грчева: Гоце Делчев по втор пат предаден! Срам и арам!

Жестока реакција од поранешната пратеничка Солза Грчева и од партијата Глас за Македонија чија претседателка е по изјавите на претседателот Стево Пендаровски и на премиерот Зоран Заев за Гоце Делчев.



„Гоце Делчев, по втор пат предаден! СРАМ и АРАМ!“, напиша таа на Фејсбук.

Нејзината партија, пак, во соопштението за јавноста ги прозва Пендаровски, заев и нивните советници.

„Неспорна историска вистина е дека Вам господине Пендаровски, како актуелен претседател на македонската држава, не ви се при срце и свест интересите на македонскиот народ, од кого потекнуваат и најголемиот број на граѓани. Истава забелешка ја упатуваме и до Заев, премиерот (северен)! Кому му се обраќате вие, на македонскиот народ или на бугарскиот? Вам ви се само туѓите желби и интереси цел, правејќи го и тоа крајно неумешно! Ако воопшто имате малку политичка наобразба не би ви паднало на памет да лицитирате со имиња, дејци, термини, случувања кои се еманација на вековниот стремеж на Македонецот за слободен културен, историски, економски, политички, социјален и народносен развиток“, порачаа од Глас за Македонија.

„Историска вистина е дека Гоце Делчев е македонска револуционерна личност, која живеела во османлиски прилики, бил нејзин поданик (државјанин), а според признатата религиозна власт, патријаршиска или егзархиска, се определувал кон „Булгар“ милетот (впрочем, така се определувале и дел од тогашните Срби, Албанци, Власи и др.). Ако грешиме, прашајте ги историчарите во Турција (кои се наследници и проучувачи на османлиските архиви)! Еве ви неколку познати искажувања на Гоце Делчев: „Дали има народ понесреќен од македонскиот?“ (1894) А, две години подоцна, пред бугарскиот генерал Николаев, истакнал: „Ние, знаете кои сме ние: селаните, македонското население, народот. Ние не можеме да правиме политика, ниту да дозволиме на други да прават политика со Македонија…нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме и кога…!“ Пет месеци пред загинувањето на своите соборци им рекол (1902): „Другари, кој е со две срца, нека остане тука, а кој е со едно, ама машко, нека тргне со мене. Ние не одиме на свадба, туку заминуваме за Македонија за да се бориме за ослободување на својот народ“, додаваат од партијата.

„Македонската историска јавност не ја претставуваат вашите избрани комисисти, по вокација историчари! СРАМНО, нека излезат на научниот мегдан! „ГЛАС ЗА МАКЕДОНИЈА“ ви препорачува да се водите од Мисирковата мисла: „Беззаветната и безгранична љубов кон Македонија, непрекинатото мислење и работење за интересите на Македонија и полниот конзерватизам во појавите на македонскиот национален дух: јазикот, народната поезија, народниот живот, обичаите – ете ги главните црти на македонскиот национализам“ (1925)“, се вели во соопштението.