Лидерката на партијата Глас за Македонија и поранешна пратеничка Солза Грчева смета дека по парламентарните избори треба да се организира задолжителен референдум за предложените измени на Уставот од сегашната власт за вклучување и на Бугарите во највисокиот законодавен акт.
„Не мислам дека ќе има предвремени избори, бидејќи Владата не избира со кого и зошто коалицира. Но, исто така, не мислам дека ќе дојде до уставни измени. Да имаа мнозинство за измените, и досега ќе беа изгласани. На македонската опозиција ѝ се вршат големи притисоци, но мислам дека нема да се попушти за ова прашање. Според мене, измените не се толку страшни колку што се отвора преговарачката рамка со вградениот протокол и практично со вградената Декларација изгласана во бугарското Собрание. А, тие се веќе погубни за нас, Македонците, и за нашиот идентитет. Според мене, веднаш по заминувањето на оваа власт, кое е неминовно, треба да се распише задолжителен референдум за ова прашање. И сега околу 78 отсто од граѓаните се против уставните измени“, изјави Грчева во интервју за весникот „Вечер“.






