Грчева: Бугарија е машата, со која ЕУ го кочи проширувањето, затоа ѝ ја толерира агресивната националистичка кампања против РМ

„Во деновите кога македонско-бугарските односи се напнати, поради провокациите од одредени политички субјекти во Бугарија за чествување на роденденот на Гоце Делчев, со за да се докаже ‘бугарскиот идентитет’ на идеологот на македонското револуционерно движење и за самостојна држава Македонија Делчев, бугарскиот европратеник и известувач за Македонија во Европскиот парламент Илхан Ќучук изјави дека целата ситуација е производ на ‘надворешни фактори, кои не сакаат Бугарија и Македонија да бидат во добри односи’. Сега веќе сѐ потешко е да се поверува дека без поддршка на повлијателни фактори во ЕУ Софија сама го одржува притисокот и го злоупотребува ветото“ – се вели во анализата со наслов „Каде се спојуваат долгите конци на марионетата“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Бугарија е само алатка, што исполнува туѓа волја во стратегијата за (не)проширување на ЕУ со Македонија

Покрај другото, во анализата пишува: Признанието на Ќучук за статусот, влијанието и иницијативноста на Бугарија во процесите што се одвиваат во рамките на Европската Унија, односно дека е на последното место од сите земји-членки, силно ги оправдува сомнежите за „самоиницијативноста на официјална Софија да ги попречува евроинтеграциите на Македонија со уцени и услови“ што се во целосна спротивност со декларираните вредности на Унијата.

„Бугарија е третирана во ЕУ како членка со најмало влијание врз европските процеси и како земја најнеусогласена со европските стандарди. Иако е членка на ЕУ, тоа е земја оптоварена со корупциско-криминални скандали. Кога Бугарија, земја-членка така третирана од Унијата, спроведува агресивна антиевропска кампања против Македонија како земја-кандидат, тешко е да се поверува дека го одржува тој притисок и го злоупотребува ветото без поддршка на повлијателни фактори во ЕУ. Штом ЕУ застана зад преговарачката рамка за Македонија, позната како француски предлог, станува појасно дека Бугарија е машата, со која се закочува проширувањето на Унијата. Улогата на Бугарија е дел од стратегијата за непроширување на ЕУ, што во неколку наврати ја искажува францускиот претседател Макрон. Таквата доделена улога на кочничар на проширувањето во Бугарија се разбра како дозвола за разгорување на нивните националистички страсти.“ – вели професорката Солза Грчева, лидерка на Глас за Македонија.

ЕУ ги искористува слабостите на македонското и на бугарското општество, за да го (под)запре проширувањето

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека ЕУ ги искористува слабостите и на македонското и на бугарското општество за да го (под)запре проширувањето. „ЕУ го толерира провокативното однесување на Бугарија спрема Македонија, зашто ѝ оди во прилог на нејзината изгубена желба за проширување. Кога ќе се види дека речиси никој од ЕУ не реагираше на националистичките и фашистички провокации, што во последниве седмици се пројавенки од официјални бугарски политичари во Македонија (европратеник и лидер на парламентарна партија во Бугарија), логиката вели дека ова однесување на Бугарија е толерирано во Брисел и е дел од некој поголем европски интерес. Бугарија е далечинскиот управувач на ЕУ, преку кој се спроведува одложувањето на ветувањата за проширување на Унијата со земјите од Западниот Балкан. ЕУ не сака да се справува со други земји, каде што корупцијата е институционализирана, па ги користи слабостите и на македонското и на бугарското општество како алатки за запирање на проширувањето.“ – вели Синиша Пекевски.