„Самоиницијативно, чувствувајќи патриотски долг да му помогнам на својот народ, се одзвав на апелот од Крсте Мисирков кој вели: ‘македонската интелигенција требит да зборуат меѓу себе на централното наречје и тоа наречје имат да бидит литературен јазик на Македонците’, како и на апелот на Ѓорѓи Пулевски: ‘људи учени који го познавајет јазикот мајкин да се соберат и состават граматика’, и се зафатив со тешка задача – со пишување на првава Граматика на македонскиот литературен јазик.“ – кажал Круме Кепески, авторот на првата македонска граматика, за својот најзначаен придонес за македонскиот јазик. Овие негови зборови се цитирани во книгата „Необјавени страници за македонскиот јазик на Круме Кепески“ приредена од проф. д-р Јованка Кепеска, која ја објави минатата година издавачката куќа „Македоника литера“.
Еден од најзначајните датуми во поновата македонска јазична и национална историја: 78 години од отпечатувањето на првата Граматика на македонскиот јазик на Круме Кепески
На денешен ден, 26 јануари во 1946 година, изглегла од печат првата Граматика на македонскиот јазик напишана од Круме Кепески. По издигнувањето на македонскиот литературен јазик со историската одлука на Заседанието на АСНОМ од 2 август 1944 година се постави прашањето околу концепцијата за една официјална граматика. Нужната потреба од граматика ја исполнува токму Кепески. За мошне кратко време тој ја напишал Граматиката, засновувајќи ја и македонската граматичка терминологија.
Во својата статија од 27 октомври 2023 година со наслов „По апелот на Мисирков и Пулевски и Круме Кепески ја создал првата македонска граматика“ информативниот портал „Мактел“ – Австралиско – македонски новости“ пренесува уште еден став на Кепески од пред 78 години, кој најдобро ги демантира сите негаторски фалсификати дека македонскиот јазик е, наводно, создаден во 1944 / 1045 година: „Тоа што е направено со составувањето на првата граматика на македонскиот јазик претставува санкционирање (потврдување) на една објективна јазична ситуација и култура, која ја создаваа Македонците низ вековите. … „Со здобивањето на нашата национална слобода… со Решението на Првото заседание на АСНОМ се озакони заведувањето на македонскиот литературен јазик, се создадоа благопријатни услови за развиток како на нашата просвета, така и на нашата култура. Тогаш кога во сите наши села и градови се отворија голем број школи и други културни институции, историска беше нужноста од создавање на граматика за македонскиот литературен јазик.“
Круме Кепески е еден од основоположниците на македонското граматичарство, истакнат македонист, педагог, учебникар, методичар, преведувач, собирач на народни умотворби. Најважната улога на граматиката на Кепески е тоа што низ 78-те години од нејзиното објавување таа ја развива свеста на Македонецот за сопствениот литературен јазик, а со тоа и за сопствената националност. Оваа прва македонска граматика има огромно просветно и културно значење за македонскиот народ, за осознавањето и натамошното развивање на неговиот македонски национален идентитет.
Од национален и јазичен аспект таа граматика од професор Круме Кепески е еден од најзначајните моменти во поновата македонска национална и јазична историја. Ова јазично дело се појавува во време кога народот ги чинел првите обиди да зборува литературно. Со неа се покажува посебната структура на македонскиот јазик. Граматиката на Кепески веднаш нашла соодветна примена во практиката, особено во образованието па и пошироко во сите комуникациски сфери, администрацијата, културата. Била наменета и за за сите, што сакале да го научат македонскиот јазик. Граматиката на Кепески им служела и на децата-бегалци од Егејска Македонија.
Кепески: „Ја пишував граматиката на македонскиот јазик, јазикот на Кирил и Методиј, на Климент и Наум“
„Таа е значајна, бидејќи го стави јазикот на прво место при националната идентификација, заедно со чувството за припадност“ – има истакнато проф.д-р Лидија Тантуровска од Институтот за македонски јазик.
Во врска со пишувањето на својата граматика Кепески уште кажал: „Почнав во февруари 1945 година, па се сретнав со големи тешкотии, зашто тогаш не беше подготвен правописот, а се дискутираше и за азбуката. Значи, јас почнав да ја пишувам граматиката и пред да се обнароди правописот и пред да се прокламира азбуката. Од првиот правопис ги видов нормите на нашиот литературен јазик, а ги внесов и термините во мојата Граматика. Меѓутоа, требаше темелно да се проучат нашите форми, акцентот, употребата и значењето на членот, да се проучат и глаголските времиња, особеностите на глаголите и уште некои не малку значајни работи. Доста ми помогна моето познавање на старословенскиот јазик, а и некои изучувања, што ги имав вршено за прилепскиот и за битолскиот говор. Конечно, тоа беше македонскиот јазик, јазикот на Кирил и Методиј, на Климент и Наум, јазик што јас го познавав.“
Граматиката на македонскиот јазик била изучувана подолг период во минатото. Како прва печатена македонска граматика на македонскиот јазик се јавува „Слогница речовска“ издадена во 1880 година во Софија од македонскиот преродбеник Ѓорѓија Пулевски. Тоа е еден од првите обиди за опис на современата македонска граматика. Граматиката на Кепески помогна во кодификацијата на македонскиот литературен јазик.
Подготвил: Свето Тоевски





