Граѓански здруженија и поединци обвинуваат дека во КПИ Идризово ќе се гради дополнителен капацитет на прифатилиштето на ЈП „Лајка“, кое според нив е еден обид за затворање и мачење на бездомните кучиња.



Капацитетот на ЈП „Лајка“ во моментов не е доволен за да згрижи поголем број бездомни кучиња. Токму затоа се работи на предлог-проект за изградба на дополнителен капацитет на прифатилиштето во КПИ Идризово, информираат од јавното претпријатие „Лајка“.

Идејата е да се обезбеди дополнително нов капацитет на одделот за вдомување на кучиња, со оглед на тоа што, како единствено прифатилиште во Скопје, капацитетот на ЈП „Лајка“ е недоволен да згрижи поголем број бездомни кучиња.

Од „Лајка“ велат дека концептот на проектот не е само грижата за благосостојбата на бездомните кучиња, туку да се подобри и процесот на ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица, согласно Законот за пробација, со извршување на општокорисна работа.

По објавата дека во рамките на затворот „Идризово“ ќе се направи прифатилиште за улични кучиња, реагираа дел одграѓанските здруженија со став дека во новите згрижувачки капацитети, заловените кучиња нема да бидат третирани соодветно.

„Најавуваме дека ќе ги преземеме сите правни дејства што ни се на располагање против сите службени лица што ќе го прекршат законот со реализирање на оваа сурова замисла, која е производ на комплетно непознавање на политиките за хуман третман на бездомни животни, но и производ на непочитување и неспроведување и на постојните програми и стратегии, кои самото Jавно претпријатие „Лајка“ ги донело“, стои во објавата на „Зелен хуман град“ на Фејсбук.