„Дозволениот минус“ на плата станува сериозен проблем за граѓаните кои не успеваат долгот кон банките навреме да го покријат поради високиот раст на каматите на овој банкарски производ, кој од почетокот на годината пораснаа и до високи 14,30%, објави ПлусИнфо. Дополнително, за граѓаните е проблем и тоа, ако не успеат да го отплатат долгот за минусот ќе ја намалат и можноста за ново задолжување кај банките поради намалување на нивниот кредитен рејтинг кој од јануари се утврдува според вкупната можност да се отплаќаат долговите. Каматите на пречекорување и казнената камата на дозволениот минус на плата, кои ги пресметуваат банките од почетокот на годинава, се движат од 10,60 до 14.30% и се речиси трипати повисоки од каматите на кредитите.

Граѓаните се изненадени иако се свесни дека со растот на основната каматна стапка, која ја утврдува Народната банка растат и овие каматни стапки, но велат дека банките во однос на овие долгови на граѓаните се однесуваат лихварски бидејќи се далеку повисоки од каматите на кредитите. Економисти советуваат граѓаните да бидат претпазливи во однос на задолжувањето кон банките и да се обидат да не го надминат дозволениот минус на сметките за да не плаќаат високи камати кои дополнително ќе ја нарушат нивната финансиска состојба и кредитен рејтинг.
Различни политики на банките за каматите на дозволениот минус
Зависно од политиката на банките каматата на пречекорување се различни. Проверката на износите кај петте најголеми банки во земјава покажува дека каматата на дозволениот минус е најниска во Стопанска банка која различно ја пресметува за своите и за другите клиентите. Така, за примателите на плата или пензија во оваа банка се пресметува камата од 10,60%, а за останатите клиенти 12,89%. Во Халкбанк каматата е утврдена на 14%, во Комерцијална банка 14,25%, додека во НЛБ Банка и во Шпаркасе банка 14,30%.

При утврдувањето на оваа каматна стапка банките ја користат основната каматна стапка, односно онаа на благајнички записи, утврдена од Народна банка и плус 8% дозволена максимална граница. Последната каматна стапка на благајничките записи изнесува 6,30%, а ја утврди Народната банка на 20 декември лани.
Висината на каматната стапка на благајничките записи вообичаено се утврдува од страна на Народната банка два пати годишно, на 1 јули и на 1 јануари, по што комерцијалните банки ги приспособуваат своите каматни стапки. Оваа практика на утврдување на основната каматна стапка во текот на енергетската криза беше променета, кога каматата растеше неколку пати во текот на годината, што влијаеше и на редовниот раст на каматите кај банките.
Нови правила за кредитниот рејтинг на граѓаните
Најчесто банките одобруваат пречекорување во висина од 1 до 2 плати, но некои банки одобруваат минус и до 5 плати, што доколку не се користи разумно и нередовно се исплатува може да влијае на кредитниот рејтинг на секој поединец од 1 јануари годинава се утврдува според нови правила.





