Граѓаните во грч – Кога ќе се донесе новата цена на парното?!

Граѓаните во грч – кога ќе ја чујат новата цена за парното греење. Поради долгови меѓу компаниите за топлинска енергија, виси цената на парното. Пресметките за трошоците одамна се доставени во РКЕ. Но, се чека првиот регулатор да пресече,  кој на кого,  колку пари му должи и да се направи порамнувањето, со што би имало појасна слика за тоа каква би била цената на парното, во новата грејна сезона, а и би се избегнал ценовен шок.



Граѓаните кои се греат на парно се во неизвесност. Тие не знаат дали и за колку ќе поскапи нивното греење во претстојната сезона. Регулаторната комисија за енергетика не ја објави новата цена во планираниот рок на крајот на јули и објасни дека ќе ѝ треба подолг период да ги разгледа документите на компаниите кои бараат зголемување на цената за повеќе од 50%.

Експертите велат дека економските пресметки говорат дека поскапување на парното мора да има, но за колкав процент  ќе зависи од тоа колку државата е подготвена да покрие дел од зголемените трошоците на компаниите.

Барања за зголемување на цената на парното до РКЕ доставиле сите компании. ЕСМ дистрибуција и снабдување бараат зголемување од повеќе од 50%, додека пак ЕСМ производство намалување од 29%. Пресметки доставиле и ЕСМ Енергетика и Скопје Север.

Првиот човек на РКЕ, Марко Бислимовски, неодамна изјави дека регулаторите не сакаат да донесат одлука за цената на парното која би предизвикала ценовен шок.

Компаниите треба да разберат дека РКЕ ќе носи одлуки коишто ќе бидат во интерес и на фирмите и на граѓаните. Потрошувачите можат да платат до одредено ниво. Ако цената би се зголемила драматично, ќе се повтори 2009 година, ќе има исклучување и тогаш знаеме што се случи 0 голем број трафостаници се запалија, затоа што се проектирани да се греат луѓето на парно, а не на струја. Во вакви кризни времиња не ни треба таков луксуз – изјави Бислимовски.

Годинава Регулаторната комисија за енергетика ќе определи само една цена на парното, не како во изминатиот период, кога зависно од снабдувачот определуваше три цени на парното.

Бислимовски соопшти дека 12 милиони евра му се потребни на ЕСМ да ги врати позајмиците од државата дадени во текот на минатата грејна сезона, што заедно со цената на гасот ќе влијае на новата цена на парното.