Граѓаните платиле 20 милиони евра „на приватно“ за ПЦР тестови во време на пандемијата

Речиси 20 милиони евра потрошиле македонските граѓани за ПЦР тестови за трите години ковид-пандемија, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР).



Бројот на направените тестови и висината на цената на овие услуги во приватните лаборатории покажува дека граѓаните платиле 19,9 милиони евра кои завршиле во приватни лаборатории, пишува во извештајот.

Вредноста на тестирањето во јавното здравство, вредело само 249.526 илјади денари или 4 милиони евра што е пет пати помалку отколку во приватните.

До почетокот на 2021 имало исто број на тестирања во приватното и во јавното здравство, но потоа јазот на дадените услуги значително се зголеми.

Во јуни 2022 имало пет приватни, а шест јавни лаборатории. Во септември 2022 имало 15 јавни лаборатории, а 18 приватни.

Според Државниот ревизор Владата и државните служби со ниту еден акт не ги ограничиле цените на ПЦР-тестирањето, а ниту биле поттикнувани активно приватните лаборатории да склучуваат договори со Фондот за здравство. Не било поднесено ниту едно барање од приватните здравствени установи за склучување договор.