Граѓаните чекаат решение, проблемите меѓу Градот и приватните превозници се продлабочуваат

Град Скопје најавува дека ќе се преиспита оправданоста на сумата на одредена група приватни превозници поради неправилности, целото видео кажува се.



Стотици граѓани што треба навремено да стигнат на работа, на лекар или до училиште, од Волково, Шуто Оризари, ’Ржаничино и од Колонија Идризово, со денови немаат редовен автобуски превоз, откако дел од приватните автобуски превозници престанаа да превезуваат патници. Автобусите на „Макекспрес“, поради финансиска криза, не превезуваат патници на линиите со броевите 19, 20, 52, 54 и 22 поради долгот што Град Скопје, односно ЈСП „Скопје“, го има кон нив и е во висина од 30 милиони денари.

И додека жителите од овие населени места во Скопје се надеваа дека Град Скопје и приватните автобуски превозници ќе изнајдат трајно решение за проблемот и автобусите повторно ќе се вратат на улиците за да превезуваат патници, од Град Скопје излегоа со став дека од нивна страна најверојатно ќе се преиспита оправданоста на сумата на одредена група приватни превозници поради неправилности. Поради тоа, се става знак прашање кога повторно автобусите на „Макекспрес“ ќе продолжат со превозот на патниците.

Според надлежните од Град Скопје, за разлика од градските автобуси на ЈСП „Скопје“, кај една група приватни превозници се регистрирани низа неправилности и нерегуларности во нивното работење, како и неисполнувањето на услугите за кои тие наплаќаат од ЈСП.

Оттаму информираат дека регистрирани се неправилности и нерегуларности во супстандардните услови на автобусите, нивната техничка неисправност, саботажа на системот за следење на движењето на нивните автобуси, па сè до неисправност на фискалните уреди и непочитување на утврдениот возен ред.

Сопственикот на претпријaтието Милорад Димитријевски, пак, ваквата изјава од градските власти ја нарекува „несреќна изјава“, која не соодветствува со реалноста.

Според него, тие како „Макекспрес“ имаат влез во системот само во оној дел каде што се прави распоред за возење и да се следи секое возило кога и дали излегува, сè друго е на Градот, кој има два механизма преку кои во текот на целиот ден се следат возилата и по завршување на работата, ги прогласува трасите дали се регуларни или не. Воедно, како што објаснува тој, по завршување на месецот од ЈСП се изготвува месечен извештај, кој го праќа до мониторингот на Град Скопје, кој го проверува, и доколку е во ред, го потпишува.

Приватните автобуски превозници од „Слобода превоз“ велат дека и ним Град Скопје им должи средства, а достасаниот долг изнесува 39 милиони денари. Сепак, според првиот човек на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски, тие, на неделно ниво, од Град Скопје имаат редовна исплата на средства, поради што нивните возила според однапред утврден возен ред превезуваат патници.

Инаку, според најавите, денеска ќе протестираат ученици од најмалку десет населени места од општина Сарај, поради недостиг на автобуси со број 56 и 56А.Средношколците од гимназијата „Сарај“ ги повикуваат сите, па и студентите да се приклучат на протестот за да се реши проблемот со јавниот превоз и со недоволно простор за патниците во автобусите што сообраќаат. Тие пратиле барање до ЈСП за зголемување на бројот на автобуси што сообраќаат на линијата 56, но сè уште се без одговор.