Граѓани пак бараат референдум против дигиталните учебници

Во текот на вчерашниот ден Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ пред подрачни единици на ДИК собра околу 300 потписи кои се доволни за да го поднесат предлог во Собранието за распишување референдум против „реформата“ во образованието која предвидува укинувањето на учебниците во основното и средното образование.



Претставничката на Иницијативата, Драгана Спасевска, изјави дека бараат директно и непосредно изјаснување на волјата на граѓаните за предожениот закон и се надева дека овојпат иницијативата е во согласност со Законот за референдум и ќе биде прифатена.

„Ќе се бориме сите заедно и ќе ги користиме сите правни средства за стопирање на постапката за донесување на законот. Сакам да се обратам до сите политичари, европски делегати, пратеници дека ова граѓанското движење односно граѓански глас е против донесување на овој предлог-закон. Дополнително, на сите политичари и на сите пратеници во Собрнието им советувам да го слушнат гласот и да го почитуваат ставот на граѓаните и добро да размислат какви чекори ќе преземат, затоа што на крајот од денот овие граѓани им го дале својот глас за да ги застапуваат во институциите, изјави Спасевска. 

За денеска Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ најави мирни протести во повеќе општини во државата и мирен марш во Скопје, кој ќе почне пред Министерството за образование и наука.

Министерката за образование, Мила Царовска, вели дека нема да отстапи од најавената реформа.