Министерството за животна средина му ги одзеде ингеренциите на градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев, во врска со регионалната депонија, откако тој не ја прифаќаше предвидената локација – кај селото Мечкуевци.
Градоначалникот Дејан Владев, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, остана без ингеренции само во делот на управување со заедничкото претпријатие за управување со отпад откако тој не ја прифаќаше предвидената локација.
Живка Михајлова, координатор на проектот вели дека таа локација не била избрана туку така, односно проектот е во поодмината фаза, изработена е студија во вредност од 850.000 евра, финансирана со европски пари, пренесува ТВ24.
Одземањето на ингеренциите на општината беше најавено од Министерството за животна средина и просторно планирање уште пред една година. Сега, по одземањето, министерството треба да предложи уште двајца членови на управниот одбор на идното меѓуопштинско претпријатие чие формирање е услов за да се распише тендер за изградба на депонија.
Се очекува до крај на годината да заврши тендерската постапка за избор на компанија. Имено веќе во наредната 2024 г. да се започне со градба, велат од Министерството.
Македонија доби кредит од 55 милиони евра од Европската банка за обнова и развој со кои треба да продолжи воспоставувањето современ систем за управување со отпад во целава земја за што многу се зборуваше во изминатит период, а малку е направено.







