Двајца браќа, на возраст од 43 и 35 години, му се заканувале на градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибраими, дека ќе го убијат со што сториле кривично дело загрозување на сигурноста.



Осомничените во повеќе наврати телефонски му се заканувале на градоначалникот предизвикувајќи кај него несигурност, вознемиреност и страв. Откако ги пријавил, тие преку вибер пораки продолжиле да упатуваат сериозни закани дека ќе нападнат по неговиот живот и тело, информираа од ЈО..

Поради тоа, надлежен јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, обврска да се јавуваат кај надлежен орган, забрана за влез во седиштето на општина Арачиново, како и забрана за приближување и воспоставување контакти со оштетениот градоначалник.