Градежниот сектор во неизвесност, може ли да се очекува пресврт годинава?!

Статистичките податоци покажуваат дека градежниот сектор, еден од носителите на економскиот раст во земјава во минатото, почуствува силен удар од кризите кои се надоврзуваа една на друга. Изминатата година беа забележани големи падови во секторот, а особено во првиот квартал од годината. Какви се изгледите за стабилизирање на секторот оваа година и дали се создаваат услови за раст на компаниите од градежната фела?



– Годината што измина за градежниците беше далеку од успешна. Напротив, градежниот сектор се справува со една од најтешките години во последната декада, а градежните компании ги почувствуваа последиците од мулти кризата со силен интензитет. Податоците од минатата година покажуваат дека овој сектор регистрира значителен пад на годишна основа кој е најизразен во првиот квартал од 17,2 отсто, по што следи незначителен раст од 0,2 проценти во вториот квартал, за во третиот квартал повторно да продолжи негативниот тренд со пад од 9,1 отсто. Негативните последици кои ги почувствуваа компаниите, се одразија и врз бројот на вработени кој исто така бележи намалување. 

Единствено позитивно во годината која измина е стабилизирањето на цените на градежните репроматеријали и производи, со оглед дека после речиси три години неизвесност, компаниите ќе може да ги планираат своите деловни активности – објаснуваат од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Северна Македонија.

Изминативе години градежниот сектор се соочува со разни потешкотии, почнувајќи од мораториумите за градба, па се до значителниот раст на цените на градежните материјали. Неминовно неизвесноста водеше кон намалени градежни активности, и раст на цените на недвижнините. Градежниците велат ова беше очекуван след, со оглед на ограничените можности за работа.

– Растот на цената на енергенсите, енормните поскапувања на цените на градежните материјали и отежнатиот пристап до суровини во изминатиот период ги ставија во незавидна положба домашните градежни компании кои во отсуство на мерки за поддршка на градежниот сектор, сами го понесоа товарот за справување со мулти кризата. 

Новите околности, надоврзани на претходните проблеми поврзани со недостаток на квалификуван кадар, ажурно администрирање на проектите и квалитетна регулатива доведоа до значителен пад на градежништвото што се одразува и врз дваесетина други стопански гранки чиј ангажман го повлекува овој сектор. Имајќи ги предвид статистичките податоци, тешкотиите со кои градежните компании се справуваат на дневна основа и глобалниот контекст, за нас успех е самото тоа што во вакви услови градежните компании се уште опстојуваат на пазарот обидувајќи се да ја одржат ликвидноста и да ги задржат вработените – потенцираат од Здружението.

Од таму потенцираат дека за годинава очекуваат оти државата ќе се фокусира на градежништвото и ќе обезбеди поддршка за градежните компании преку интензивирање на јавно – приватниот дијалог и решавање на приоритетните прашања кои ќе овозможат поголема градежна активност.

–  Водејќи се и од компаративните позитивни искуства и примери, одамна дадовме конкретни предлози од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите. Се уште веруваме дека оваа стопанска гранка има сериозен потенцијал и може да биде движечка за раст на домашната економија, а мерките за поддршка би значеле не само спас на компаниите, туку и зачувување на работните места во дејноста – потенцираат од Здружението при СКСМ.