Град Скопје им должи 112.500 евра на советниците – Зошто градоначалничката им кратела надоместоци?!

Дури 112.500 евра им должи Градот Скопје и градоначалничката Данела Арсовска на советниците во Советот на Град Скопје. Тие пари треба законски да ги добијат како надомест за извршувањето на нивната функција, а дел од нив наплатата ќе ја бараат преку суд, објави ПлусИнфо. Според информациите до кои дојде Плусинфо во разговор со неколку советници, ниту еден од нив нема добиено пари за  мај, јуни, јули, август и за септември, во висина од една просечна плата или околу 500 евра.



Ова го потврдува и претседателот на Советот, Трајко Славески, кој вели дека средствата редовно се уплаќале до април, а според него Арсовска има дадено усна наредна парите повеќе да не им се исплаќаат.

Точна ви е информацијата околу долгот на град Скопје кон советниците. На нив, според закон, им следува месечен надомест за извршување на функцијата во висина од една просечна плата, исплатена во РМ во изминатата година, во бруто износ (се задржува персонален данок). Заклучно со април оваа година, надоместот се исплаќаше редовно, кога по наредба на Арсовска, најверојатно усна, Сектор за финансии престана да го исплаќа надоместокот – вели Славески.

Тој додава дека не им се исплатени надоместоци на 45 советници. Дел од нив имаат испратено опомени пред тужба, дури се подготвени парите да си ги бараат на суд.

Ова е уште една од битките кои ги има градоначалничката Арсовска во „војната“ со советниците во Советот на Град Скопје, кои се незадоволни од нејзиниот однос кон нив, како и од тоа што од нив бара помош за реализација на проекти и одобрување на средства, но на нив им должи пари.

Советниците исто така се жалат дека градоначалничката Арсовска веќе со месеци не присуствува на седниците на Советот, а со тоа им го ускратува нивното право да и постават прашања за одредени теми. Советот на град Скопје има две прекинати седници за советнички прашања, затоа што градоначалничката Арсовска не доаѓа за да одговори на прашањата на советниците.