(…)



Сите сме свесни дека употребата и развојот на јазикот е динамичен процес подложен на влијанија од сеопштиот развој, како на домашен така и на глобален план. Брзиот развој на технологијата, новите појави и поими произлезени од овој аспект на животот, како и феноменот на глобализација на политичките и економските процеси, често нѐ ставаат во ситуација да мора брзо да се пронајде соодветен македонски збор за тој новоговор произлезен од нови поими, кои се најчесто изведени од англискиот јазик, пишува Јасминка Павловска во колумна за „Нова Македонија“.

„Линијата на помал отпор во такви ситуации ја исфрла фразата за најлесна одбрана: „многу ни е сиромашен македонскиот јазик“ и се пристапува кон некритичко преземање на англиските зборови и поими, без никаков труд да се пронајде македонскиот збор или фраза. Постои тенденција, особено во ТВ-прилозите и репортажите, соговорниците сосема „природно“ во македонскиот говор да употребуваат зборови како: „постови“ (објави), „рандом“ (случајно), „рич“ (посетеност), „хејтање“ (омраза – говор на омраза)… На политичарите во Македонија веќе како да им е вродено да зборуваат за своите „нотирања“ (забелешки), „наративи“ (приказни), „моментум“ (миг), „дисфункционалност“ (неспособност, но често и со значење на неприспособеност, па дури и заостанатост)… Дури ни интернетската алатка „Гугл транслејт“ (гугл-преведувачот) не го преведува на македонски изразот „ЕУ-скрининг процес“…
Ваквите ситуации, кога зборува соговорник во радио или ТВ-прилог, односно кога политичари или други општественици даваат изјави, интервјуа… на некоректен македонски јазик, речиси се практично нерешливи. Но, во печатен или во дигитален медиум (портал), кога се пренесува изјавата, сепак би требало јазично (а често и логично) да се коригира и коректно да им се „сервира“ на читателите.

Македонскиот јазик воопшто не е сиромашен, ниту со зборови, ниту со изрази, забележува Павловска.

Ако ние (новинарите) не ги употребуваме, или сме мрзливи да ги побараме во речниците, или имаме комплекс од странските зборови…, не значи дека македонскиот јазик е сиромашен. И воопшто не е „кул“, односно нема да изгледаме поважно или поавторитетно ако употребуваме зборови што читателите, гледачите, слушателите не ги разбираат. Секако, не треба секогаш да се инсистира на македонски зборови по секоја цена за новопојавени, но општоприфатени глобални поими и термини, особено во технологијата и комуникациите. На пример, „интернет“ не мора да се нарекува „внатрешна мрежа“.

А, вели Павловска, специфичен феномен во македонскиот медиумски простор се синхронизираните странски ТВ-серии…